2017
Учество на самитот за ФМЦГ |
Во Скопје во мај по третпат се одржа годинашниот самит за трговија со стока за широка потрошувачка (ФМЦГ). „Пакомак“ беше официјален поддржувач на настанот, каде што се дискутираше и се споделуваа искуства за трговијата со стока за широка потрошувачка, нејзината дистрибуција, комплексност, навиките на купувачот, но и за важноста на трговскиот партнерски однос и одговорноста за отпадот што го создава. На сите учесници на самитот „Пакомак“ им подели платнени торбички на кои беа испишани екопораки. |
Учество на балканската работилница на „Expra’ |
Истиот месец, „Пакомак“ учествуваше и во балканската работилницата, која оваа година се одржа во Белград. Претставниците од компанијата имаа можност да ги разменат своите искуства во областа на грижата за животната средина и за одговорното постапување со отпадот со другите членки на „Expra“ ( www.expra.eu) од Србија, Бугарија, Босна, Грција, Турција, Романија, Унгарија и од Словенија. |
Театарска претстава за деца на тема екологија во Охрид, Ресен, Карпош, Аеродром и во Ѓорче Петров |
Во текот на април патувачката театарска претстава за деца на тема екологија посети повеќе општини низ цела Македонија. Претставата беше прикажана во Охрид и во Ресен, а во Скопје во општините Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров. Со ова, повеќе од 3.000 дечиња имаа можност да бидат запознаени со важноста на екологијата, но и со важноста од нивното однесување и од грижата за заедницата уште од мали нозе. |
Поддршка на првоаприлски маскенбал во „Рамстор мол“ и во СОС-Детско село |
„Пакомак“ ги поддржа и првоаприлските забави под маски организирани во„Рамстор мол“ и во СОС-Детско село. Под мотото „Рециклираме, се маскираме и природата ја чуваме“ децата ја истакнаа својата креативност и се маскираа употребувајќи материјали што може да се рециклираат. За најуспешните маски на дечињата во Детско село „Пакомак“ обезбеди награди – велосипеди, ролерки и сл. |
Еколошка едукативна кампања за учениците во основните училишта во Кисела Вода во соработка со „Лајонс клуб“ |
Во текот на април „Пакомак“, во соработка со „Лајонс клубот“ и со несебичната помош од страна на нивните волонтери, спроведе и едукативна кампања на сите ученици во основните училишта во општината Кисела Вода. Проектот наречен „Здрава околина - здрав живот“ ги опфати сите ученици од прво до петто одделение, чијашто бројка изнесува повеќе од 3.800. Дваесет и пет волонтери од „Лајонс клубот“ неуморно работеа со децата, кои учеа за важноста од селектирањето на отпадот, придобивките од унапредување на процесот на негово рециклирање, што би резултирало со зачувување на планетата Земја. Во јуни, пак, по спроведената акција за екоедукација, „Пакомак“ додели награди за најуспешните собирачи на амбалажа меѓу учениците во секое одделение. Волонтерите на „Лајонс“ присуствуваа и на ова доделување и повторно имаа можност да се дружат со најмладите во заедничката мисија за почиста животна средина. |
Поддршка на детскиот музички фестивал „Поточиња“ |
Април, дефинитивно, беше месец посветен на најмладите - „Пакомак“ го поддржа и детскиот музички фестивал „Поточиња“. Како што велат и самите организатори – „Суштината на детскиот фестивал ’Поточиња‘ е преку игра и песна на децата да им се овозможи влез по правилна патека во животот“, нешто за кое и „Пакомак“ се залага како одговорна компанија што се грижи за заедницата и за младите умови што ја сочинуваат. |
Поддршка на настанот „Прв до врв” |
Настанот „Прв до врв“ полека прераснува во убава традиција што го промовира здравиот живот. Токму затоа „Пакомак“ овој мај го поддржа со поставување канти за отпадоци по целата траса. Немањето каде да се фрли отпадот никогаш не треба да биде изговор да загадуваме, а посебно не отсега. |
Презентација со 3Д-екобус во СОС-Детско село |
3Д-екобусот на „Пакомак“ во мај ги посети децата од СОС-Детското село. Децата присуствуваа на 40-минутна интерактивна 3Д-обука со предавање, проекција на филм и со игра-тест со систем за интерактивно поврзување, која се одвива во рамките на екобусот. Сите овие активности со екобусот се со цел најмладите преку забава, материјал примерен за возраста на децата, како и преку точни и целосни информации да формираат навики за секојдневно правилно однесување со амбалажниот отпад и за заштитата на животната средина. |
Чистење на подрумите од стакло во Прилеп и во Охрид |
Во рамките на големата кампања за организирано собирање стакло, „Пакомак“ во мај три викенди по ред организираше чистење на подрумите од стаклен отпад во Прилеп и два викенда во Охрид. Акцијата и овој пат помина успешно, а граѓаните сѐ повеќе и повеќе се вклучуваат во ваквите иницијативи за чиста животна средина. |
Поддршка на Скопски цветен фестивал |
„Пакомак“ го поддржа и Скопскиот цветен фестивал, кој се одржува во мај, а кој е во организација на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило”. Цветниот фестивал се одржа во паркот „Македонија“ во населбата Тафталиџе, а „Пакомак“ донираше канти за отпадоци, кои и понатаму ќе останат во паркот за употреба. |
Издаден петтиот број на екопредвесникот |
Во јуни, „Пакомак“ го издаде и петтиот број на својот екопредвесник. Екопредвесникот е единствениот весник што се занимава со тематиката на здрава животна средина и одговoрно постапување со отпадот, а се печати во 28.000 примероци. Најновиот број на екопредвесникот опфаќа интересни глобални и локални еколошки теми, од навиките за рециклирање во Австралија, па сѐ до споделување на локалните искуства и предизвици на македонскиот граѓанин во мисијата за зголемување на бројот на кантите за отпадоци. Сите изданија можете да ги погледнете на www.pakomak.com.mk. |
Поддршка на „Skopje Street Festival“ |
Во јуни „Пакомак“ постави и канти за отпадоци на „Skopje Street Festival“, a со тоа им даде и шанса и на младите креативци и уметници да го покажат својот талент пред многубројната публика. Уметниците ги дизaјнираа и исцртаа кантите со графити, спојувајќи ги корисното и убавото во, навистина, интересен и оригинален производ. |
Акција „Од врата до врата“ за собирање стакло во Козле |
Освен големите мајски акции за собирање стаклен отпад во Прилеп и во Охрид, „Пакомак“ во јуни спроведе и акција „Од врата на врата” за собирање стакло во населбата Козле во Скопје. Беа собрани повеќе од 2.500 килограми стакло, а акцијата ќе продолжи и во другите скопски населби во следните месеци. |
Одржан уште еден одличен и успешен фестивал „Sound of Green“ |
На 17 јуни, сабота, во „Бла бла клуб“ кај Градската плажа – Парк, се одржа фестивалот „Sound of Green“ во организација на „Пакомак“ и на „Пасворд продукција“. Фестивалот, покрај богатата музичка програма, има своја оригинална цел, а тоа е да ја подигне еколошката свест и да им покаже на младите дека собирањето амбалажен отпад може да биде забавна и корисна работа, па така за да добијат влезница посетителите треба да донесат три пластични шишиња. Оваа година публиката успешно ја забавуваа групите „Contact 59“, „Funk Shui“, „Да Џака Накот“, „Стринг форсис“, диџеј Славе и „Game Over“. |