2016
ПАКОМАК ДЕЛ ОД ВТОРИОТ ФМЦГ САМИТ |
Вториот ФМЦГ самит за трговија со стока за широка потрошувачка во Македонија се одржа на 13 мај во хотелот „Александар Палас“. Организиран од регионалниот магазин InStore и оваа година целта беше обединување и унапредување на трговскиот сектор. Присутни беа претставници од менаџментот на најголемите компании во Македонија, вработени во секторите за набавка, маркетинг и продажба, како и консултанти, агенции и придружни дејности. Програмата понуди домашни и регионални приказни на тема: лидерство, менаџмент, преговарање и продажба, промоции и приватни трговски марки. Имаше презентации, истражувања, размена на идеи и целодневно дружење на учесниците на самитот. Пакомак, како поддржувач на самитот, на присутните им подели екоподароци и ги потсети за важноста од селектирањето и рециклирањето на отпадот. |
ПАКОМАК НА РАБОТИЛНИЦА ВО СОЛУН |
Во Солун, во месец мај, се одржа работилница за компании од Балканот чија дејност е менаџирање на амбалажниот отпад. Пакомак беше дел од оваа работилница на која ги разменивме позитивните искуства со колегите од регионот и заедно дискутиравме за предизвиците на секоја компанија во однос на подобрување на соработката со компаниите-членки, општините, партнерите, како и со граѓаните. Оваа работилница беше одлична можност да се споделат и активностите што секоја компанија ги презема за подигнување на свеста на граѓаните за селекцијата на амбалажниот отпад. Пакомак и во иднина ќе продолжи да инвестира во своите вработени и да учествува на работилници, саеми и конференции затоа што веруваме дека преку размена на позитивни искуства полесно ќе ги надминуваме секојдневните предизвици. Грижата за животната средина е во основата на работењето на нашата компанија, па тоа значи – подобрување на целокупниот квалитет на живот во Р.Македонија. |
ИНВЕСТИЦИИ ВО ИНФРАСТРУКТУРАТА |
Пакомак непрекинато ја развива комуналната инфраструктура во Р. Македонија. Донациите на канти и на контејнери во градовите и населените места, како и на јавните површини, имаат за цел да го направат селектирањето и рециклирањето на амбалажниот отпад лесно достапно за сите. Во изминатите три месеци беа донирани:
Ново Село, Колешински водопади:
Филозофски факултет, УКИМ Скопје:
Кањон Матка
Охрид и Штип
Општина Битола
Општина Струга |
ПАКОМАК ДЕЛ ОД МОДНАТА НЕДЕЛА ВО СКОПЈЕ |
Пакомак во април го поддржа деветото по ред издание на Skopje Fashion Week 2016. Компанијата го искористи овој настан за да ги потсети присутните дека исто како и модата, така и амбалажата што има минато, може да има иднина. На модниот викенд Пакомак ги повика присутните да не го прекинуваат кругот на рециклирањето затоа што празните лименки може да станат нов пар обетки. Компанијата и во иднина ќе презема активности со кои ќе ја промовира важноста од селектирање и рециклирање на отпадот, како предуслов за почиста иднина за сите нас. |
ПРВОАПРИЛСКИ ЕКОМАСКЕНБАЛ ВО РАМСТОР |
„Рециклираме и се маскираме“ беше темата на екомаскенбалот што го организираа трговскиот центар Рамстор и Пакомак по повод денот на шегата – 1 април. Младите креативци од градинките и од основните училишта изработија интересни маски користејќи амбалажа од сокови, млека, кутии за колачи, празни шишиња, лименки, картонски кутии и слични материјали. Преку настанот тие увидоа дека со малку фантазија - амбалажата не мора да заврши како отпад и да ја загадува животната средина. Маските исто така беа одличен пример за родителите и истите ја потенцираа важноста од рециклирање на отпадот. Овoj настан е продолжување на практиката на Пакомак за поддржување на еколошки настани кои вклучуваат екоедукација деца. |
ПАКОМАК НА ИКАС 2016 |
Традиционалната трка во кајак-слалом „ИКАС 2016“ оваа година се одржа од 8-10 април на водите на реката Матка и на неа имаше учесници од 15 европски земји. За средување на просторот околу патеката беа задолжени ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“, а Пакомак ја поддржа акцијата со поставување канти за селектирано фрлање на отпадот. Компанијата исто така организираше бесплатен превоз со 3Д екобусот за децата од скопските основни училишта. Тие, заедно со нивниот херој Ивце Пивце, ги бодреа учесниците на ИКАС 2016, но и од „прва рака“ научија дека чистата животна средина е важна за спортот, здравјето, но и иднината на секој од нас. Пакомак и понатаму ќе биде дел од настаните кои го поддржуваат здравиот живот и спортскиот дух. |
АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ПОПОВА ШАПКА |
Акцијата за чистење на ски-центарот Попова шапка од отпад се одржа на 9 и 10 април, во организација на Младинската алијанса во Тетово и со поддршка на Пакомак, „Escimo Free Ride“, хотел „Тетекс Арена“ и планинарското екодруштво „Аргентус“. Над 60 учесници го расчистуваа целокупниот предел на ски-центарот, особено локациите кои се најпосетени од туристите, но се со отпад. Целта на акцијата беше да се апелира до туристите и до граѓаните кои ја посетуваат Попова шапка да внимаваат како се однесуваат кон природата. Пакомак и во иднина ќе поддржува вакви акции со кои се подигнува еколошката свест на јавноста на повисоко ниво. |
ПРОЕКТОТ „3Д ЕКОБУС“ ВО КУМАНОВО И СТРУМИЦА |
Училишниот проект „3Д ЕКОБУС“ во април продолжи во 11 основни училишта во Куманово и над 4.300 ученици имаа можност да научат повеќе за важноста од селектирањето и рециклирањето на отпадот. Проектот следниот месец продолжи во 4 основни училишта во Струмица и со него беа опфатени 1.700 ученици. Преку инерактивна 3Д обука со предавање, проекција на 3Д филм и интерактивна игра-тест, децата научија повеќе за рециклирањето низ приказната на екохероите Пластиција, Стаклиор и Хартиус. Како и во сите училишта досега, проектот беше одлично прифатен од учениците и наставниот кадар во Куманово и Струмица. Пакомак ќе го продолжи овој проект и низ останатите градови на Р. Македонија затоа што децата се нашата иднина и важно е да имаат високоразвиена еколошка свест за да живеаат утре во почиста животна средина. |
ПАКОМАК ГО ПОДДРЖА СКОПСКИОТ МАРАТОН |
Една од најпопуларните спортски манифестации кај нас - „Скопскиот маратон“ годинава се одржа по 12 пат и имаше над 7.000 учесници од 46 држави во светот. Маратонците трчаа четири трки - маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5.000 метри. За да ги издржат трките, маратонците внимаваа да не дехидрираат и со себе носеа шишиња вода за освежување, а Пакомак беше задолжен да ги собере сите празни шишиња и да ги однесе на рециклирање. Пакомак и во иднина ќе остане партнер на „Скопскиот маратон“ и ќе се грижи градот Скопје да остане чист по секоја трка. |
ПАКОМАК ДЕЛ ОД НАСТАНОТ „ПРВ ДО ВРВ“ |
Пакомак традиционално го поддржа спортско-рекреативниот настан „Прв до врв“ што се одржа на 22 мај 2016 година. Омилениот настан на скопјани повторно во програмата ги понуди трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и олимпискиот пикник на целта кај врвот. Пакомак постави канти за селектирано фрлање на отпадот и помогна Водно да остане чисто и по настанот, а на врвот организираше голем екоконцерт со Слаткар и Бета Хаус. |
АКЦИЈАТА „АRE YOU RECYCLING?“ НИЗ МАКЕДОНИЈА |
Сите кафулиња и ресторани во Дојран, како и дел од угостителските објекти во Штип, Битола и Охрид, се приклучија на екоакцијата на Пакомак „Аre you recycling?“. Вработените во овие објекти отсега ќе ја селектираат амбалажата од пијалаците во кантите на Пакомак и со тоа ќе придонесат истата да биде однесена на рециклирање, наместо да заврши како отпад. Досега од скопските екокафулиња и екоресторани се собираше повеќе од 40 тони стаклена амбалажа месечно, а отсега таа бројка се очекува да надминува над 50 тони месечно. Бројот на екокафулиња и екоресторани и во иднина ќе расте, а со тоа и грижата за животната средина во нашата земја. |
ПАКОМАК ДЕЛ ОД СКОПСКИОТ ЦВЕТЕН ФЕСТИВАЛ |
Под мотото „ 1.000 цвета за Скопје“, на 14 и 15 мај се одржа третиот скопски „Цветен фестивал“ во Градскиот парк во Скопје. На отворањето на „Цветниот фестивал“ му претходеше цветно дефиле, а на настанот присутните ги чекаше богата содржина: креативни работилници, забавни и едукативни игри, танцови групи, јога, пилатес, музички групи, отворена галерија, мултимедијални перформанси и тематски претстави. Пакомак беше присутен на фестивалот на цвеќето со играта за деца „Екомеморија“ и со свои презентации во 3Д екобусот кои можеа да ги видат не само децата, туку и возрасните кои беа присутни на настанот. Сите тие имаа можност да дознаат повеќе за рециклирањето и за важноста на чистата животна средина, а новиот засаден цвет во домот или дрво во дворот нѐ носи сите еден чекор поблиску до целта. |
ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ ПРВИОТ ЕКОПРЕДВЕСНИК |
Пакомак го испечати првиот „зелен“ весник во Македонија и истиот во месец мај го инсертираше во дневните весници „Вечер“ и „Слободен печат“. Примероци од првиот „Екопредвесник“ беа поделени и до сите наставници кои работат во основните училишта со кои Пакомак има соработка. Весникот беше поделен во повеќе еколошки рубрики: ЕкоМакедонија, екопланета, екоинтервју со Ранко Бубамара, екоискуство, екозанимливости, екосовети, здрав живот, екофакти и фото-настан. Покрај интересните еколошки содржини, во весникот читателите имаа шанса да дознаат повеќе за работењето на Пакомак и резултатите на компанијата во изминатите 5 години. Целта на издавањето на овој „Екопредвесник“ е да стигнеме до пошироката јавност и да ја мотивираме да почне да размислува поинаку зашто само со силна еколошка свест може да направиме разлика и да живееме во чиста и здрава животна средина. |
ПРОЛЕТНО ЧИСТЕЊЕ НА ПОДРУМИТЕ ОД СТАКЛО |
Пакомак, заедно со супермаркетите Рамстор во Аеродром и Гранап во Тафталиџе, викендот на 21-22 мај организираше пролетно чистење на подрумите од стакло. Жителите на овие две скопски населби носеа стаклени шишиња и тегли, а за секои 5 парчиња стаклена амбалажа добиваа на подарок - семе за цвеќе. Во Рамстор – Аеродром беа донесени 1100 парчиња стаклена амбалажа и беа подарени 155 кесички семе за цвеќе. Во Гранап – Тафталиџе беа донесени 1500 парчиња и беа поделени околу 200 кесички семе за цвеќе. Вкупно во двата супермаркета беа собрани околу 2 тони стакло кое Пакомак се погрижи да биде рециклирано. Акцијата беше одлично прифатена и дел од коментарите на жителите на Аеродром и Тафталиџе беше: „Браво за акцијата. Би било супер ако ја имате повторно и на есен.“ „Одлични сте. И минатата година ви ја посетив акцијата и донесов многу шишиња. Си го исчистив подрумот.“ „Целиот подрум го исчистив. Ништо не остана. И наредниот месец да имате акција.“ |
ПАКОМАК НА АЛПСКИТЕ ИГРИ 2016 |
Пакомак ги поддржа првите „Алпски игри 2016“, во организација на „Алпско млеко“, кои се одржаа на 5 јуни во скопскиот градски парк на „Школка“. Настанот беше конципиран како голема забава за сите возрасти, со многу игри за деца, креативни работилници, награди и секако – музички дел со Даниел Кајмаковски. Посетителите имаа можност да ги дегустираат и сите производи на „Алпско млеко“, а Пакомак постави специјални канти за тетрапак-пакувањата за млеко и помогна градскиот парк да остане чист и по настанот. |
ПАКОМАК НА СКОПЈЕ КРЕАТИВА 2016 |
Фестивалот на креативни индустрии „Скопје Креатива“ оваа година се одржа од 9-11 јуни на „Плаја Виста“. Под мотото „Поврзи ме со креативноста” посетителите имаа можност да уживаат во разновидна програма: презентации, предавања, креативни работилници, изложби на студенти, видео и мултимедијални проекции, концерти и други интересни активности. Пакомак ја поддржа „Скопје креатива“ и за време на трите фестивалски дена имаше свое екокатче со изложба на победничките дела на „Trash for art 2016“. Дополнително, беа поставени специјални канти за селектирано фрлање на отпадот, па присутните го оставија просторот чист и по фестивалот. |
ПАКОМАК СО НАГРАДА ЗА НАЈЕКОЛОШКА КОМПАНИЈА |
Пакомак доби награда за најеколошка компанија за проектот „3Д интерактивна обука за ученици и наставен кадар - 3Д екобус“ на традиционалниот градски конкурс кој е дел од манифестацијата „Денови на пролетта - Денови на екологијата“. Проектот има едукативна цел насочена кон подигање на екосвеста на учениците и активирање на младите генерации во рециклирачката мисија која се води на глобално ниво. Ни претставува вистинско задоволство тоа што град Скопје го препозна и го награди овој проект. Добиената награда ќе ја дуплираме и со средствата ќе инвестираме во парк-шума на Водно, каде веќе имаме осмислено концепт за одбележување на патеките за рекреација и поставување на еколошки пораки кои ќе ги потсетуваат посетителите да се грижат за животната средина. Општествената одговорност за Пакомак е бизнис-императив и како успешна и современа компанија имаме влијание врз своите партнери, околината и врз целото општество. Ќе продолжиме да гледаме на општествената одговорност како на стратешка цел на долг рок затоа што нашата крајна цел е подобрување на целокупниот квалитет на животот на луѓето во нашата земја. |
ПАКОМАК СО ПОДДРШКА НА СЛОУ ФУД - БИТОЛА |
Мрежата „Тера Мадре“ Македонија, под мотото „Мрежа која инспирира промени“, од 24-26 јуни 2016 година го организираше првиот голем национален настан на „Слоу Фуд“ во Битола. Настанот беше одлична можност за презентација на македонскиот биодивезритет на храна и автентичните прехранбени производи и на истиот земаа учество повеќе од 200 делегати од Македонија и од Европа. На настанот беа промовирани мастер курсеви за занаетчиски пива, вина, мед и сирења од сурово млеко; имаше дебатна програма во младинскиот камп каде се предлагаа решенија во насока на одржливо производство и одговорно консумирање на храна; беше одржан „Театар на вкусовите“ каде што се готвеше во живо; беа организирани кино-проекции, богата музичка програма и уште многу други интересни активности. Пакомак го поддржа настанот и во двете конференциски сали (сместени во галеријата „Магаза“), како и на плоштадот „Магнoлија“ постави канти за селектирано фрлање на отпадот од пакување. |